Се возобновува меморијалот „Димитар Ѓорѓиев“
Објавено: 14 септември, 2015, во 13:17 часот
Во пресрет на новата сезона и пред почетокот на натпреварите во Првата македонската кошаркарска лига петок и сабота во салата „Јасмин“ во Кавадарци екипата на „Фени Индустри“ ќе биде домаќин на шестиот меморијален турнир „Димитар Ѓорѓиев“.
На турнирот покрај организатор на турнирот ќе учествуваат и прволигашите МЗТ, Куманово и Карпош Соколи, најголеми аспиранти за освојување на националниот куп и шампионат оваа сезона. Шестото издание на турнирот посветен на покојниот претседател на кошаркарскиот клуб „Фени Индустри“ ќе се оддржи наредниот викенд, 18 и 19 септември во спортската сала „Јасмин“.
Во петок, според програмата ќе се одиграат полуфиналните средби. За првиот финалист ќе решаваат МЗТ Скопје и КК Куманово. Во второто полуфинале домашниот „Фени Индустри“ ќе ја пречека КК „Карпош соколи“, за кавадарчани и за сите љубители на кошарката од регионот ова ќе биде убава можност да уживаат во натпреварите од македонските прволигаши. Според првичните информации, во петок ќе се оддиграат двата полуфинални натпревари, по кои победниците ќе обезбедат пласман во саботното финале, на кое ќе му претходи дуел за третото место во кое ќе се сретнат поразените екипи./А.Д


