(Видео)Велешкиот одбојкар Андовски: Задоволен сум од трансферот во Словенија, очекувам ОК „Триглав“ од Крањ да го освои третото место во Прва лига
За една половина на сезоната 2023/24 се вклопи во тимот, во кој најголем број од одбојкарите на ОК „Триглав“ од Крањ се Словенци. Средниот блокер, велешанецот и Македонец, Христијан Андовски, на 19 годишна возраст го живее својот сон, по првиот интернационален трансфер, на релација Љубљана – Крањ. Во првиот словенечки град студира на Факултетот за електротехника, во вториот секодневно тренира додека во останатите градови патува заедно со тимот за да игра и да ја оствари целта на тренерите како и на клубската Управа – освојување на третото место на крајот на сезоната на Прва словенечка лига.
„Јас сум задоволен од мојот напредок во ОК „Триглав“ од Крањ, Словенија. Засега мојот придонес не е голем. Тренерите за мене како млад играч велат дека значително напредувам и тие напорно работат и со мене и со сите одбојкари. Очекувам од почетокот на вториот дел на сезоната да дадам значителен придонес и да целиме кон третото место во првата словенечка лига кое што е зацртано како успех што клубот треба да го постигне,“ рече Андовски.
Андовски неколку дена од одморот за новогодишните празници успеа да ги помине во родниот Велес. Тој во разговорот што го снимивме зборува за прифатеноста во клубот, за разликите во начинот на подготовката на играчите на тренинзите во родната земја и во Словенија, за посветеноста на четворицата клубски тренери, предводени од главниот Сашо Роб, како во градењето на капацитетите на играчите така и во тактиката за победа, за тоа зошто го избра Факултетот за електротехника а не за физичка култура и за уште многу други нешта коишто се составен дел на професионалните спортисти.
Убавка Јаневска
Фото галерија од лична архива на Андовски