14 дена од владата за институциите да спроведат контроли за спорниот мазут
Владата на денешната седница дискутираше и ја оцени како вонредна и итна информацијата објавена во јавноста од страна на Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ за постоење сомневања дека во одреден период во земјата биле увезувани токсични нафтени деривати опасни по здравјето и животната средина, кои при увоз влегувале како мазут и како што објави ИРЛ се користеле како гориво за греење во повеќе државни институции, но и како гориво во приватни компании во земјава.
-Владата со загриженост и внимателност им пристапи на изнесените информации и ја потврди силната и одлучна заложба дека нема да има компромиси кога е во прашање здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина. Со цел расчистување на сите прашања, дилеми и сомнежи изнесени во јавноста, Владата, на предлог на заменикот-претседател во Владата задолжен за борба против корупцијата, за одржлив развој и човечки ресурси заклучи дека се неопходни брзи, темелни и детални проверки на сите објавени и необјавени информации за случајот во согласност со надлежностите на секоја од институциите за увоз, трговија и контрола, велат од Владата.