Битиќи: Владата ја зголеми минималната плата за околу 56%
Во рамките на официјалната посета на Црна Гора, заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се сретна со министерот за финансии и социјална грижа, Милојко Спајиќ, со кој разговараа за повеќе теми поврзани со управувањето со јавните финансии во функција на поддршка на граѓаните и стопанството.
На состанокот се разменија искуства во спроведувањето на мерки за поддршка на стопанството и граѓаните за време на здравствената и економска криза, предизвикана од пандемијата со коронавирусот КОВИД-19, кога буџетите на државите се ставија во функција на поддршка на здравствениот систем и на одржување на ликвидноста на стопанството и задржувањето на работните места за граѓаните, но и за развојни проекти со кои ќе се забрза процесот на опоравување во пост-ковид периодот.
Вицепремиерот Битиќи и министерот Спајиќ разговараа и за политиките и мерките за привлекување и поддршка на нови инвестиции на компаниите, при што се согласија дека регионот на Западен Балкан има голема шанса во пост ковид периодот да биде препознаен како атрактивен регион за нови инвестиции на компании од регионот, но и од големите меѓународни корпорации, како поради близината до земјите од ЕУ, така и поради тековните процеси, со кои се подигнува конкурентноста на земјите во регионот и на целиот Западен Балкан.
Покачувањето на минималната плата, влијае на подигнување на животниот стандард на граѓаните и на покачување на сите плати во стопанството, се согласија соговорниците, при што вицепремиерот Битиќи нагласи дека во изминатите четири години, Владата на Република Северна Македонија, во инклузивен дијалог со синдикатите и стопанските комори успеа да ја зголеми минималната плата за околу 56%, a инклузивноста и транспарентноста е процес кој се применува при носење на сите стратегии, политики, програми и мерки, во насока на ефикасност и ефективност на истите.
Министерот Спајиќ го информираше вицепремиерот Битиќи за програмата „Европа сега“ и со сите бенефити коишто ќе ги добијат граѓаните со реализација на оваа програма.
На состанокот се констатираа одличните односи помеѓу двете земји и беше искажана недвосмислена определба за понатамошно продлабочување на соработката на сите нивоа.