Брнабиќ: Благодарение на Кина, вакцинирани се 45% од населението
Утрово во Србија пристигна нов контингент од 500.000 дози вакцини од компанијата „Синофарм“, кои ги доставија сите вакцини што Србија ги договори со таа компанија.
Премиерката, Ана Брнабиќ, на приемот рече дека досега се испорачани вкупно 4,2 милиони дози од кинеската вакцина во Србија.
Таа прецизираше дека утрово пристигнала последната испорака на Синофарм според договорот, што е вкупно четири милиони дози вакцини, купени од Кина и доставени во осум летови од јануари до сега.
Брнабиќ спомена дека кинеската армија донирала уште 200.000 дози вакцина Синофарм.
Премиерката истакна дека компанијата Синофарм покажала сигурност што никој не можел да ја очекува во тешки времиња и околности и дека благодарение на таквата сериозност од страна на Кина, Србија досега успеала да вакцинира 45,3 проценти од возрасната популација.
„Тоа сè уште не е доволно за колективен имунитет и затоа ги молам граѓаните, а особено младите, да дојдат и да се вакцинираат што е можно побрзо и да се стави крај на пандемијата“, апелирала Брнабиќ.
Таа им се заблагодари на кинеските партнери затоа што и покрај фактот што тие испорачале четири милиони вакцини во најкус можен рок, кинеската армија, потсетува Брнабиќ, донирала уште 200.000 вакцини на Србија.
„Во овој момент во Србија, дури и да не добиеме друга вакцина, имаме доволно да вакцинираме 3.115.000 граѓани и на тој начин да бидеме практично безбедни. Србија нема проблеми со вакцините и очекуваме да пристигнат испораки од други производители“, додала Брнабиќ.