Царовска: Студентските стипендии ќе се зголемат на 6.050 денари
Студентите од новата академска година ќе добиваат речиси двојно повисоки стипендии со цел да го стимулираме и вреднуваме нивниот труд, знаења и успеси, но и да го подобриме стандардот на младите, додека а оваа намена годишниот буџет е зголемен за 35%, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска по средбата со претставници на студентските и средношколските организации и сојузи кои беа активно вклучени во креирањето на новите политики за стипендирање.
“Во делот на поддршката на студентите, ќе доделуваме стипендии во 11 различни категории. За 9 категории износите ги изедначуваме и ќе бидат 6.050 денари на месечно ниво, што значи пораст во однос на тоа што досега се доделуваше како износ од 3.300, 4.000, 4.400 денари“, рече Царовска.
Изедначувањето се однесува на вкупно 2.840 стипендии кои ќе се доделат со стартот на новата академска година.
„Овде стимулацијата е најпотребна, бидејќи се соочуваме со преголем дефицит на овој тип на кадар, рече Царовска.
Стипендиите за студенти запишани на студиски програми по хемија, физика и математика остануваат во износ од 18.000 денари на месечно ниво. За сите видови стипендии ќе се објавуваат конкурси и заинтересираните навремено ќе бидат информирани за сите услови, критериуми и рокови за остварување на ова право.