ДКСК препорача, подобар Закон за здравствена заштита за сите установи да имаат лиценца за работа
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на денешната седница одлучи да даде препорака до Министерството за здравство за подобрување на текстот на Законот за здравствена заштита со што ќе се овозможи здравствените установи да имаат лиценца за работа, но и до Фондот за здравствено осигурување да се зајакнат редовните контроли.
Ова доаѓа по предметот оформен по сопствена иницијатива, а по допрен глас во врска со податоците објавени во медиумите дека докторот Владимир Чадиковски, единствениот лиценциран детски кардиохирург, дал отказ од болницата „Жан Митрев“, со која државата имала склучено јавно-приватно партнерство, поради неисполнети услови во договорот и различни концепти на работа со кардиохирургот Жан Митрев.
Од ДКСК, согласно одговорите што ги добиле од Фондот за здравствено осигурување и приватната болница, констатирале дека не постоело договор за јавно-приватно партнерство, туку само договор за извршување на точно определени здравствени услуги од областа на кардиохирургија за возрасни, детската кардиохирургија, интервентната кардиохирургија и ваксуларната хирургија.
Исто така, како што посочи денеска на седницата претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, во експертскиот тим на доктори и медицински сестри државата вложила над 2 милиони евра за обука и едукација, но тој тим не е веќе дел од јавното здравство, тој тим е дел од приватното здравство.
„Сега докторот Владимир Чадиковски не е во „Жан Митрев”, туку е во „Систина”, така што граѓаните за да ги добијат услугите од овие експерти мора повторно да платат. Референтната цена се зголеми за 35 отсто“, додаде Ивановска.
Со оглед на тоа што во државата постои само еден лиценциран детски кардиохирург, Владимир Чадиковски, кој сега веќе не е во „Жан Митрев”, од ДКСК ги прашале надлежните институции и дали хирург за возрасни може да оперира деца под една година, но одговор не добиле.
Од ДКСК констатирале и дека Законот за здравствена заштита овозможува во мрежата на здравствени установи да функционираат и такви кои што имаат само дозвола за работа, но не и лиценца.
Од ДКСК одлучија предметот кај нив да запре, меѓутоа да дадат препорака до Министерството за здравство за подобрување на текстот на Законот за здравствена заштита, со што ќе се овозможи сите здравствени установи да имаат лиценца за работа онака како што предвидува законот.
На денешната седница ДКСК ги усвои предлог-записниците од 67-та, 69-та, 70-та и 71-та седница.
Исто така, на седницата беше усвоена и предлог-одлуката за отпочнување активности за изменување и дополнување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интересот со Акционен план за нејзино спроведување 2021-2025 година.
За нов заменик-претседател на ДКСК денеска беше избран Владимир Георгиев. Одлуката ќе стапи на сила на 12 август, откако ќе заврши мандатот на претходниот заменик-претседател.