Џеновски циклон ни носи врнежи, грмежи и локално невреме!
Објавено: 29 август, 2025, во 09:27 часот
„Под влијание на влажна и на нестабилна воздушна маса која е поврзана со циклонска активност со центар над Џеновскиот залив, утре, сабота, 30 август, како и во текот на ноќта кон недела, 31 август времето во Македонија ќе биде променливо и нестабилно на повеќе места со пороен дожд, грмежи и со засилен ветер. Локално ќе има услови и за појава на невреме, проследено со силен ветер и со услови за појава на град.
И во Скопје и околината во погоре споменатиот период времето ќе биде променливо и нестабилно со повремен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и со услови за појава на невреме во делови од котлината. Утре, сабота, повремено ќе дува засилен ветер од јужен и од југозападен правец, додека во текот на ноќта кон недела и особено во Повардарието ќе дува засилен ветер од северен правец.
Што се однесува до температурите, тие во недела, ќе бидат во опаѓање и максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот од 24 до 31 степени, што значи дека во недела ќе бидеме под влијание на посвежа воздушна маса од север, соопшти метеопрогнозерот Славчо Поповски.
Дума.мк


