Следната недела Предлог-буџетот за 2021 година на расправа во Собранието

Објавено на 19 ноември, 2020 во 10:41

Sobranie

19.11.2020

Следната недела почнува собраниската расправа по Предлог-буџетот за наредната година. Расправата почнува во матичната Комисија за финанансирање и буџет, закажана на седница на 24 -ти овој месец. Расправата, согласно Деловникот на Собранието, во Комисијата може да трае до 10 работни дена, потоа со дополнување, доколку има прифатени амандмани, ќе се расправа на пленарна седница.

Владата го усвои Предлог-буџетот минатата недела на 11 ноември, а министерот за финансии наредниот ден, на 12 ноември, го достави до Собранието, предавајќи го официјално на претседателот на законодавниот дом Талат Џафери.

Буџетските приходи се проектирани на 212,6 милијарди денари или за 8,3 отсто повеќе во однос на вториот ребаланс на буџетот за 2020 година. Расходите за 2021 година се проектирани на ниво од 247,5 милијарди денари или за 2,1 отсто пониско ниво од расходите предвидени со вториот ребаланс на буџетот за 2020 година. Буџетскиот дефицит е проектиран на ниво од 34,8 милијарди денари или 4,9 отсто од БДП, што е за 3,6 процентни поени помалку во однос на проектираниот буџетскиот дефицит за 2020 година.

Во фокусот на овој буџет се заздравување на економијата, забрзан раст, заштита на здравјето на граѓаните, на работните места, на стопанството, кратење на неприоритетните трошоци и подобра реализација на капиталните расходи.

Очекувањата  се дека ефектите од рестриктивните  мерки поради пандемијата во следната година ќе ослабнат и се очекува растот на економијата да достигне 4,1 отсто и 4,6 отсто во 2022 година.

Од Владата оценија дека предложениот буџет е за економска стабилност и забрзан раст, со долгорочна фискална консолидација за 2021-2025 година.

-Предлог Буџетот за 2021 година, обезбедува одржливост, рационализирање на трошењата со оптимизација на расходите на јавната администрација и дигитализација на јавните услуги како и прецизни проекции со цел ефикасно справување со епидемијата. Дополнително, обезбедена е буџетска резерва и во случај на продолжено траење на пандемијата, рече премиерот Зоран Заев на заедничка прес-конференција со министерот за финансии на која го претставија предлог-буџетот.

Мите Јаначков

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.