Фратини: Невозможно е Македонија да остане надвор од ЕУ и НАТО!
Поранешниот еврокомесар и шеф на италијанската дипломатија Франко Фратини говореше за проширувањето на ЕУ и НАТО и за перспективите на Македонија на Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон.
„Поради кризата, но само поради кризата, низ Европа се прошири чувство на замор од проширувањето, на Европската унија и на НАТО. Моите пријатели во Македонија тоа добро го знаат. Јас останувам убеден дека проширувањето претставува додадена вредност за Европа. Не можам да негирам дека постои чувство на замор од проширување, и тоа чувство ќе трае уште одредено време, нема да исчезне преку ноќ. Пoлитичарите и водачите во Европа и во НАТО треба да им објаснат на своите граѓани дека во многу глобализиран и меѓусебно поврзан свет, едноставно не е возможно да се остави одредена земја, која географски е целосно европска земја, надвор од вратата. Мислам на вашата земја, на другите земји во Европа, мислам и на Турција. Тоа е мое мислење, останувам убеден во тоа, и тоа се однесува и на НАТО. Ако зборуваме за проширувањето на НАТО, вашата земја или земјите на Кавказот како Грузија, мораат да ги исполнат обврските, како што се обврските за владеење на правото или за улогата на судството. Но, штом ги исполнивте условите, јас сум против држење на вратите затворени. Сепак, јас сум во малцинство со ваквото мислење во овој момент“, изјави Фратини, обраќајќи се на Македонците,на прашањето кои се неговите очекувања за иднината на процесот на проширување на НАТО и на Европската унија.
Фратини е сериозен кандидат за нов генерален секретар на НАТО, по истекот на мандатот на Андерс Фог Расмусен во 2014 година.
Извор: Дојче Веле
