Јанес Јанша осуден на две години затвор!
Објавено: 5 јуни, 2013, во 16:53 часот
Судот во Љубљана денеска го осуди поранешниот премиер и претседател на Словенечката демократска партија Јанез Јанша на две години затвор и 37.000 евра во аферата „Патрија“.
Затворски казни во траење од по 22 месеци им се изречени и на бизнисменот Иван Чрнкович, сопственик на „Ротис“ и на генерал Тоне Кркович. Освен затворските и тие добија парични казни од по 37.000 евра.
Тројцата се осудени за земање подарок при купување на оклопни транспортери од финската фирма „Патрија“.
Поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша на крајот на мај изјави дека обвинителството нема докази против него. Тој подвлече дека е кристално јасно оти не е виновен и додаде дека аферата му нанесла голема штета на неговото семејство, партијата и на цела Словенија.
Судскиот процес започна пред година ипол.
