Вархеји денеска пред европратениците ќе го претстави пакетот за проширување за земјите од Западен Балкан
6.10.2020
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска пред европратениците ќе го претстави Пакетот за проширување 2020 и Економско инвестицискиот план за Западен Балкан, соопшти Европскиот парламент.
Како и секоја година, веднаш по усвојувањето на годишниот Пакет за проширување во Европската комисија, надлежниот еврокомесар го претставува пред Надворешнополитичката комисија на ЕП, овој најважен документ за земјите во процес на пристапување.
– Покрај согледувањето на ситуацијата во земјите кандидатки и потенцијалните кандидати од Пакетот за проширување, Вархеји ќе го претстави и планот кој треба да стимулира долгорочно закрепнување, да го поттикне економскиот раст и да поддржи реформи на Западен Балкан по кризата со коронавирусот, неведува ЕП.
Пакетот вклучува Комуникација за проширување, која го трасира патот напред за земјите кои тежнеат кон членство во ЕУ, а содржи извештаи во кои Комисијата претставува детална проценка за напредокот на секој кандидат и потенцијален кандидат во исполнување на критериумите за членство.