Ќе се додадат нови лекови на позитивната листа после 13 години

Објавено на 1 август, 2023 во 13:25

Донесен е новиот Правилник за ставање лекови на позитивна листа, кој се базира на европските пракси во оваа област вклучувајќи ги тука и посебните договори што ќе овозможат достапност на иновативни лекови за нашите пациенти. Формирана е стручната комисија која го утврдува предлогот на листата на лекови на товар на Фондот за здравство осигурување, информираше денеска на прес-конференција министерот за здравство Фатмир Меџити.

Во комисијата има службеници од Фондот, МАЛМЕД и доктори специјалисти. Ажурирањето на позитивната листа на лекови е долгоочекувано и треба да обезбеди поиновативна и поефективна терапија за пациентите. Ќе се вреднува дали лекот е значаен по јавното здравје, какво е неговото терапевтско значење, фармакоекономските ефекти, етичките аспекти и какви се научните сознанија за лекот.

Оваа комисија, наведе министерот, континуирано ќе работи на изменување и дополнување на Позитивната листа на лекови и верувам дека конечно после долг период ќе воспоставиме функционален систем со цел задоволување на потребите на пациентите со соодветни терапии.

Верува дека фармацевтските компании веќе ја подготвуваат потребната документација за да одговорат на барањата на Правилникот и дека во блиска иднина ќе пристигнат и првите апликации.

Последните измени во овој Правилник овозможуваат склучување на специјални договори со кои ќе се овозможи влез на повеќе иновативни лекови за сите пациенти на кои им се неопходни, а истовремено ќе може да се предвиди и заштити здравствениот буџет.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.