Ликот на светицата Петка се појави на дрво во охридско!
На дрво, непосредно пред влезот на пештерската црква „Св. Петка“ во охридското село Велгошти, се појави лик на светец, објави Охрид нус.
Силуетата на светецот со христијански детали е вдлабната во една од гранките. Неа ја открила охриѓанката Катерина Стојаноска која за веб порталот вели:
„Често пати доаѓам во црквата „Св Петка“, претежно во петок. Пред некој ден, дојдов заедно со моите најблиски. Овој пат ми се случи нешто необично. Се качувавме нагоре и вниманието ми го одвлече едно дрво на десетина метри од црквата, на кое јасно се гледа икона со ликот на светицата.“
За оваа појава, таа го известила човекот кој работи во верскиот објект, но и нејзиното момче од Скопје, кое дошло да го види феноменот.
„Моето момче Ице, дојде специјално од Скопје да го види феноменот. Тој, како и оние кои до сега ја забележале појавата, го потврдија она за кое што зборувам. Како православна христијанка и голем верник, се надевам дека ова не е случајно, а светицата ќе ми донесе здравје, успех и вработување, бидејќи сум невработена.“ – вели Катерина Стојаноска, која е професорка по физичка култура.
Охрид нус објави фотографии со иконата вдлабната во дрвото. На читателите им остави сами да проценат дали се работи за феномен, чудо или природна појава.
Инаку, православните христијани празникот посветен на Света преподобна Параскева (Св. Петка) го одбележуваат на 8-ми август.