Македонија без посебни мерки за заштита од корона вирусот!
Здравствените власти во земјава засега нема да превземаат посебни мерки за заштита од корона вирусот кој се шири во Европа. Вирусот е сличен со САРС и предизвикува тешки акутни респираторни инфекции.
Француските здравствени власти потврдија две лица заразени со овој вирус. Првозаболениот е шеесетгодишно лице кое се вратило од патување во Дубаи и ја делело болничката соба со второзаболениот, пред да биде дијагностицирана акутната респираторна инфекција. Двајцата заболени се наоѓаат на болничко лекување во Универзитетската болница во Лил. На двете лица им се даваат антибиотици, но ефикасен лек за коронавирусот засега не е откриен.
„Состојбата со ширењето на вирусот будно се следи и засега не се препорачува посебни мерки, ниту препораки за однесување на луѓето, или пак да се воведат некакви рестрикции во движење и патување кон земјите од каде се смета дека доаѓа вирусот. Препораки засега нема ни од Светската здравствена организација“, нагласуваат од превентивниот сектор при Министерството за здравство.
Од 2003 година кога се појавил корона вирусот, досега биле заболени 775 случаи. Од септември 2012 до денес според СЗО се потврдени 34 случаи на заболување од овој нов вид на вирус, а 18 лица починале од кои дури 11 во Саудиска Арабија.
