Самарас: Македонија мора да прифати ерга омнес
Грчкиот премиер Андонис Самарас ја префрли вината за спорот со името врз Македонија и врз премиерот Никола Груевски, и се обиде да вброи и други балкански држави, како Албанија и Бугарија на грчката страна во спорот.
Самарас одговори на прашање на државната агенција МИА, на приемот организиран во економскиот Институт Питерсон во Вашингтон, каде што зборуваше за економските планови за Грција и за тешката регионална ситуација.
„Имавме долги дискусии со господинот Нимиц за спорот за името. Се сретнав со него последен пат кога бев тука во Обединетите нации. Има некоја екстремна непопустливост од страна на мојот колега од Скопје. Верувам дека Грција е единствената земја која направила некои чекори кон решение. Тоа не е случај и со Скопје. Бараме решение кое би било име кое ќе биде ерга омнес, како што се вели на латински, едно решение, едно име, за секоја употреба. Не гледам дека господинот Груевски е отворен за вакво решение. Верувам дека, ако ги прашате моите колеги од Албанија или Бугарија, и тие веројатно ќе ви одговорат исто, дека непопустливоста лежи во Скопје, а не во Грција,“ изјави Самарас на вечерата организирана од фондацијата на покојниот грчки бродски тајкун Ставрос Ниархос.
Грчкиот премиер Самарас, кој го посети Њујорк, а сега е во посета на Вашингтон, на оваа втора посета на САД во рок од еден и пол месец, избегнуваше да зборува за спорот за името.
Претходно во текот на вчерашниот ден се обиде да ги избегне македонските новинарски екипи, а и во медиумските брифинзи не се осврнува на спорот за името. Во своите јавни настапи
грчкиот премиер зборува за, како што рече, уништувањето на нео-нацистичката партија Златна Зора, и изнесува нови економски податоци за Грција со кои вели дека неговата партија успеала да ја извлече земјата од криза.
