Набавени апарати за следење на амбиенталниот воздух

Објавено на 28 октомври, 2013 во 15:52

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес конференција информира дека набавени се апарати за мерења и анализи на квалитетот на амбиентниот воздух. Како што нагласи тој, за  првпат ќе се докажува поврзаноста на загадениот воздух и загадувачот.

Постапката за набавка на  два такви апарати, во вредност од 900 илјади денари, е завршена . Откако ќе бидат испорачани  Институтот и центрите за јавно здравје ќе почнат со мерење на локации што се веќе утврдени.

Потоа во лаборатории ќе се утврдува хемискиот состав на честичките во воздухот и евентуалната поврзаност со локацијата каде ќе биле поставени мерачите. Ќе може да се добијат прецизни резултати за концентрацијата на суспендираните цврсти честички ПМ10 и ПМ2.5, како и за присуството и концентрацијата на одделни штетни супстанци, како тешки метали, полициклични ароматични јаглеводороди, азбест и други.

– Со овие мобилни апарати може да се испитуваат примероци на воздух на различни локалитети посебно во ризични средини, при алармантни состојби, во случаи при евентуално сомневање или укажување за можно загадување на воздухот и др. Навремената анализа, предупредувањето на граѓаните за евентуално позитивните резултати, навремените совети за превенција, ќе придонесат за заштита на здравјето на граѓаните, рече Тодоров.

Кривичниот закон предвидува повисока казна за причинител  на загадување, доколку загадувањето не може да биде отстрането во подолг временски период. – Не смееме да дозволиме кој било да не труе. Во ред е да се има профит и да функционираат фабриките, но за да функционираат првенствено треба да има луѓе, а здравјето на луѓето е најзначајно, наведе министерот за здравство.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.