Три години затвор за Слободан Даневски
Малцинските акционери на Џумајлија денеска ја добија пресудата од Апелацискиот суд од Штип, со кој се потврдува казната затвор од три години на Слободан Даневски, кој треба да ја надомести и парична штета, јави Радио Канал 77.
Сепак, со пресудата акционерите не добиваат ништо.
Цели 12 години требаше да поминат за Апелацискиот суд да го заврши процесот против светиниколчанецот Слободан Даневски, кој како претседател на Управниот одбор на АД „Џумајлија“, беше обвинет за повеќе злоупотреби. Даневски доби три години затвор и треба да надомести штета од близу три милиони денари. Осуден е бидејќи како одговорно лице земал кредит од Тутунска банка, со кој потоа половина биле вратени како позајмица од фирма со која биле платени акциите, а втората половина биле дадени како позајмица на фирмата на неговиот брат Зоран Даневски. Постариот Даневски, Слободан, исто така злопотребил пари кои биле дадени како државни бонови за вработените и пари со кои наводно било купувано нафта.
Со пресудата малцинските акционери – тогашните вработени останаа без ништо. Судот ги упатува преку граѓански спор да се обидат да ги докажат своите побарувања. Претставникот на акционерите Трајче Ѓеоргиевски вели дека е задоволен што конечно дошле до правдата.
„Иако правдата е спора – требаше да биде донесена многу порано во 2005-та, 2006-та година, кога требаше да се спаси комбинатот и наша цел беше да се спаси коминатот и да функционира, меѓутоа, и покрај оваа задоцнета пресуда, ние не добиваме нешто, поради тоа што пресудата од казна затвор за Даневски и условната осуда за Стојанче Китановски (член на УО), ние не сме обештетени“, изјави Ѓеоргиевски.
За нивниот адвокат Панче Докузов, институциите ги занемаруваат правата на акционерите и на акциите гледаат како на обично парче хартија.
„Акциите се навистина хартија, но хартија од вредност и капитал. И ако некој тој капитал со противпарни дејствија, како што правел Даневски ги земал акциите на вработените за да земе кредити и да дава позајмици на фирмата на неговиот брат, прави школски пример на злоупотреба на кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, и тука нема компромис, нема дилема. Сега проблем е наплатата“, изјави адвокатот Докузов.
Според него, правдата ќе биде задоволена дури со екстадицијата на Зоран Даневски, кој менаџирал со Џумајлија.
По Зоран Даневски е распишана потерница, а Министерството за правда не знае каде е.
“Имаме пресуди, меѓутоа, што ќе направиме ако не се изврши екстрадиција на Зоран Даневски, братот на Слободан Даневски, кој исто така е осуден на две години, а е во Бугарија?! Тоа е веќе работа на Министерството за правда. Мислам дека треба да се направи напори и да се екстрадира Зоран Даневски во Македонија и тогаш ќе се отовори процес за побрзо враќање на пари на оштетените, бидејќи сметам дека има доста пари земени, украдени ако сакате, што е утврдено со вештачење“, вели Докузов.
На браќата Даневски им се суди со години. Последната пресуда беше на крајот од мај за Зоран Даневски, кој во отсуство доби две години затвор за злопотреба, а за уште неколку други обвиниенија му се суди. АД „Џумајлија“ пропадна и е во стечај. Имотот е запленет или распордаден, а плодните 5000 хектари се дадени под концесија на фирмата на Субрата Рој. Според малцинските акционери, само дел од земјиштето е изорано и било засеано со грашок, кој се исушил, откако никој не дошол да го собере.
