Каракачанов: Бугарија нема да направи отстапки поради братски чувства и солидарност

Објавено на 2 ноември, 2020 во 10:02

karakacanov fin

2.11.2020

Во Скопје некој си замислува дека Бугарија ќе направи отстапки поради братски чувства и солидарност. Тие сметаат и дека некој однадвор ќе изврши притисок врз Бугарија. Сепак, ова нема да се случи, изјави бугарскиот министер за одбрана и лидер на бугарската националистичка парија ВМРО-БНД., Красимир Каракачанов.

Според него, незамисливо е бугарското Собрание да гласа за отстапки и едно такво отстапување од позицијата на Бугарија не би поминало во ниту еден парламентарен состав.

– Ќе видиме што ќе се случи за една недела. Изборот дали ќе бидат дел од ЕУ е нивен. Нема да станат членки на Европската унија со коминтерновско удирање по маса, изјави Каракачанов за бугарската телевизија БТВ.

Тој смета дека Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Северна Македонија е „доволно добар, но само доколку се почитува”.

– Една година по неговото потпишување тој веќе не се почитува, изјави Каракачанов, додавајќи дека склучувањето на Договорот било услов за прием на земјава во НАТО, а неговото почитување е услов за членство во ЕУ.
Каракачанов тврди дека нема дипломатски притисок врз Бугарија од страна Германија, а што се однесува до САД тој таму „ја објаснил генезата на балканските проблеми, повикувајќи се на американски извори”.

– Пријателството е пријателство, братството е братство, но договорите и доброто однесување мора да се почитуваат. Не сакаме да одиме низ Капали чаршија и да се расправаме чиј е Гоце Делчев, изјави Каракачанов, инсистирајќи на тоа дека Бугарија и бугарскиот народ мора да го бранат националниот интерес.

Тој вели дека Бугарија „не ги принудува Скопје и Македонците да се откажат од својот национален идентитет, но треба да бидат така добри и да го создаваат според фактите дека тој е создаден со оган и меч по 1944 година”.

– До 44-та година историјата е заедничка историја на еден народ. Имаме заедничка историја со Отоманската Империја, со Византија, со ерменскиот народ, но не и со Македонците, додава Каракачанов.

Едно „потклекнување” пред Скопје сега, би значело проблеми за во иднина, кои би вклучувале и барања за изучување на „измислениот македонски јазик во Ќустендил со тек на времето”.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.