Поради заболени пратеници од ковид-19 собраниските седници одложени на неодредено време
23.03.2021
Во Собранието нема да се гласа за законите поврзани со петтиот пакет антикризни мерки за ковид-19 се додека владејачките партии не соберат мнозинство, односно 61 пратеник. Претседателот на Собранието, Талат Џафери вчера попладне го потпиша решението за неодредено одложување на 36. седница што требаше да се одржи денеска, а на која освен овие закони имаше и други 27 точки. Владата синоќа упати апел до пратениците кои ја блокираат работата на Собранието да се повлечат од тој деструктивен начин на дејствување.
Собранискиот претседател Џафери вчера на прес-конференција го образложи својот потег, обвинувајќи ја опозицијата дека ја злоупотребува здравствената состојба на пратениците, во услови на ковид-19, и оти пред него се поставуваат ултимативни предлози што не може да ги прифати. Владејачкото мнозинство брои 62 пратеници, а до вчера двајца беа позитивни на ковид-19, а едниот хоспитализиран.
Проблемот настанал, според претседателот на Собранието, откако вчера координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ побарал на седницата да се разгледуваат само продолжувањето на кризната состојба и трите точки поврзани со мерките за ковид-19, а не и другите 26. Практично, опозицијата побарала посебна седница само за тие четири точки.
Претседателот на Собранието ги повика на разум пратениците од опозицијата обвинувајќи ги за теснопартиски игри.
– Собранието ниту е на власта ниту на опозоцијата. Законите се во корист на сите граѓани, рече Џафери повикувајќи ги да се вратат на работа бидејќи за тоа се платени, а плата земаат од граѓаните.
Дополнително на оваа ситуација е блокадата предизвикана со над 32.000 амандамни за дваесетина закони од страна на Алијанса на Албанците и Алтернатива поради неподдршката на Законот за државјанство од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
Според Џафери, ова претставува „политичка пинг понг” игра од сите страни без исклучок.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, пак, соопшти дека бил одбиен нивниот предлог да се закаже посебна седница за да се разгледаат законите за финансиските мерки поврзани со корона-пандемијата, а на седницата да учествуваат за да поминат и законите од петтиот пакет мерки и ги обвини СДСМ и ДУИ дека ги блокираат законите.
Координаторот на пратеничката група Никола Мицевски рече дека тоа го предложиле откако вчера на редовната координација станало јасно дека парламентарното мнозинство нема да има 61 пратеник на 36. седница, а со цел да им се помогне на граѓаните и на стопанството зашто роковите за законите се одамна поминати.
– Законите од овој таканаречен петти сет на економски мерки не се блокирани од ВМРО-ДПМНЕ, тие се блокирани од СДСМ и ДУИ. Нашиот предлог експресно беше одбиен. Денес стана јасно кој блокира во Собранието, на кои не им е грижа за здравјето на граѓаните и кои се занимаваат со политиканство и злоупотреба на здравствената криза, рече Мицевски.
Реагираше и пратеничката група на СДСМ, преку пратеникот Костадин Костадинов, кој возврати на обвинувањата и рече дека ВМРО-ДПМНЕ се однесува деструктивно и неодговорно во Собранието, како и дека оваа опозициска партија со Левица во договор со пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива кочат важни процеси во Парламентот.
– ВМРО-ДПМНЕ и Левица поднесуваат амандмани на законот за државјанство, и за таа цел Алијанса се договараат и Алтернатива да кочат сѐ што е во Собранието важно за граѓаните. Ова не алудира на ништо друго освен договор помеѓу опозициските партии, овде мислам и на ВМРО-ДПМНЕ, и на Левица и на Алијанса за кочење на важни процеси во Собранието што е срамно, жално и погубно за нив. Сметам дека е редно време да се издигнеме над партиските интереси, да се ставиме во функција на граѓаните, во функција на оние коишто седат овде и земаат плата, рече Костадинов.
Владата синоќа упати апел до пратениците кои ја блокираат работата на Собранието да се повлечат од тој деструктивен начин на дејствување, бидејќи, како што оцени, со тоа носат сериозни штети за граѓаните и за државата.
– Блокирани се дел од мерките од четвртиот и петтиот пакет за кои се неопходни законски измени за да се реализираат решенијата за одржливост на економијата, за спас на работните места и спроведување на грижата за никој да не биде изоставен. Во инклузивен процес, со консултација на сите засегнати страни до сега се насочени околу 1 милијарда и 300 милиони евра кон граѓаните и стопанството за да обезбедиме стабилна одржливост на економијата со потенцијал за ревитализација, се наведува во соопштението на владината прес-служба.
Владата нагласува дека опозициските пратеници треба да прифатат дека станува збор за исклучително чувствителен момент и дека имаат одговорност пред граѓаните да се надмине оваа ситуација со деблокада на собранискиот процес и Собранието час поскоро да ги усвои законските измени за да се стават во функција мерките од антиковид пакетите, кои се од исклучително значење за граѓаните и за стопанството.
На дневен ред на 36. Седница освен пакетот закони за антикризните мерки и одлуката за продолжување на кризната состојба, се и 26 други закони, интерпелации и друго.