Македонија и Словенија во заедничка борба против трговија со луѓе
Северна Македонија и Словенија потпишаа Имплементациски договор за борба против трговија со луѓе.
Имплементациски договор за борба против трговија со луѓе потпишаа денеска министрите за внатрешни работи на Северна Македонија и на Словенија, Оливер Спасовски и Алеш Хојс.
Според министерот Спасовски се работи за билатерален документ чија што примарна цел ќе биде соработката во превенцијата во трговијата со луѓе и сите форми на злоупотреба на деца.
Со овој имплементациски протокол се предвидува и спроведување на заеднички проекти за подигнување на јавната свест за превенција во областа на трговијата со луѓе.
„Како и во изминатите години ефикасното управување со границите и миграцијата и спречувањето на илегалната миграција долж т.н. западноевропска рута и понатаму е еден од главните приоритети на МВР. Притоа, граничното управување на Северна Македонија во голем степен е усогласено со европските стандарди во делот на граничната безбедност. Посветивме должно внимание и на проблематиката со илегалната миграција дотолку повеќе што на ова поле уште во 2016 година наваму со словенечката полиција имаме суштинска конкретна соработка на словенечки полициски службеници со нашите полициски службеници во делот на обезбедувањето на нашата јужна граница со Република Грција и заедничкото делување во насока на откривање на спречување на илегално преминување на границата и криумчарење на мигранти“, рече Спасовски.
Словенечкиот министер за внатрешни работи истакна дека Северна Македонија и Словенија се пријателски земји, кои ги врзуваат добри односи. Затоа, нагласи словенечкиот министер, важно е дека Словенија 30 години ја поддржува Северна Македонија и ќе продолжи да ја поддржува на нејзиниот пат.
„Македонија е веќе во Европа нема тука веќе никакви двоумења и едноставно она што недостасува е само влезот во Европската унија, а Словенија е една од оние земји која навистина работи да се зачлените“, рече словенечкиот министер.
Во однос на соработката во сферата на полицијата, нагласи тој, таа е одлична и како што рече, информациите што Словенија ги добива од земјава не се значајни само за земјата туку и за целата Европска унија.