МЗ: Ревакцинирани 48 отсто од полнолетните граѓани, 58.132 примиле трета доза
Во текот на вчерашниот ден аплицирани се вкупно 4.207 дози вакцини, од кои 1.515 се аплицирани како прва доза, 930 се ревакцинирани, а 1.732 граѓани примиле трета доза вакцина. Заклучно со 16 ноември вкупно се вакцинирани 817.079 граѓани, ревакцинирани се 786.941, а трета доза примиле 58.132 граѓани, соопшти Министерството за здравство.
Педесет и седум отсто од граѓаните над 40 – годишна возраст се ревакцинирани, 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.
Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 58 отсто, а со две дози опфатени се 48 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 39 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, 38 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина, информираат од Министерството.