МЗШВ: Лозари заштитете ја виновата лоза од пламеница и пепелница
Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство упати препорака до лозарите за заштита на виновата лоза од болестите пламеница и пепелница. Препораките следат откако Државниот инспекторат за земјоделство спроведеде инспекциски надзор за утврдување на здравствената состојба на лозовите насади, во сите вински региони во државава и регистрираше дека кај повеќето има појава на болестите пламеница и пепелница.
Во различни региони, присутноста на болести во лозовите насади е со различен интензитет. Станува збор за економски штетници кои се честа појава особено во услови на зголемена влага, а во мометов климатските услови се многу погодни за ширење на болеста.
Пламеницата на лозата е болест која редовно, секоја година се јавува и причинува помали или поголеми штети. Таа ги напаѓа сите зелени делови на лозата: листовите, ластарите, цутовите, гроздот и гроздинките. Лозата е најосетлива во фазата на интензивен раст и на крајот при зреењето на грозјето. Идеалните услови за развој на пламеницата се предизвикани од врнежливиот период, што доведува до губење на квалитет и на принос во лозовите насади.
Затоа,Министерството заедно со АПРЗ. подготвија насоки за земјоделците со препорака со кои препарати треба да се третираат лозовите насади за да се спречи ширење на болеста и да се минимизираат загубите. Лозарите самите треба да одберат со кој препарат ќе ги третираат лозјата соодветно на вегетативната фаза на сортата која ја одгледуваат.
За насадите каде лозата се наоѓа во фаза на пред цветање или цветање на грозјето, што зависи од регионот на одгледување и сортата на грозјето се препорачува лозарите да ја извршат заштитата со заштитни средства ако е во период на цветење со Артемил комби – котактно + системично дејство, Ридомил комби – котактно + системично дејство, Ампексио – котактно + системично дејство, Катанга трипло – котактно + системично дејство, Пергадо Ф – котактно + системично дејство, Катанга екстра + Фолпет + Норкасе – комбинација и Лието + Фолпет – комбинација против пламеница. Додека против пепелница со Фоликур + Сулфур – комбинација, Еминенг + Сулфур – комбинација, Спирокс + Сулфур – комбинација или Спирокс Д + сулфур – комбинација.
Лозовите насади кај кои болестите се присутни во поголема мерка, заштитата да ја повторат за 10 дена од претходното третирање.
За заштита во периодот после цветање на лозата, препорачани се против пламеница да се користат препаратите Емендо Ф – системик, Артемил комби – системик, Ридомил комби – системикили Фестивал – контактен + локал системик како и консултации со стручни лица. Додека против пепелница да се користат препаратите Колис + Сулфур – комбинација, Динали + Сулфур – комбинација, Луна + Сулфур – комбинација, Топас + Сулфур – комбинација или Вивандо + Сулфур – комбинација.
Интервалот на аплицирање од едно до друго прскање да биде 10-14 дена доколку продолжат ваквите временски услови или по препорака на производителот.
Според насоките од Фитосанитарната Управа, постојат и други препарати со кои се третираат овие болести. Она што е важно е дека лозарите треба да внимаваат препаратот да биде регистриран и одобрен за употреба, во спротвивно постои можност да се предизвика интоксикација. Препорачаните дози, односно концентрации мора да соодветствуваат со дозите/концентрациите кои се наведени во упатството за употреба на соодветните производи за заштита на растенијата.
Дума.мк