„Ова не е нов ковид, нема место за паника“: КЗБ ја смирува ситуацијата околу ширење на мајмунските сипаници
Засега се уште не е потврден случај на мајмунски сипаници во земјава, откако негативен е тестот на мигрантот хоспитализиран на Инфективната клиника, додека пациентот од Кичево суспектен на болеста одбил да се тестира.
Поради тоа што нема законска можност пациентот од Кичево да биде „присилен“ на тестирање, Комисијата за заразни болести (КЗБ) по вчерашниот состанок соопшти дека ќе достави предлог до министерот за здравство да се предложи здравствен надзор на ова лице.
-Ова не е нов ковид, овде нема место за паника меѓу граѓаните. Не очекуваме никаков драматичен развој и сериозно ширење на оваа нова болест. Поставено е сомневањето врз основа на клиничката презентација и му е понудено тестирање. Во тој момент одбил да се тестира и не се пријавил во Инфективната клиника, после што се известени лекарските служби од Битола и тие реагирале веднаш. Ангажирана е матичната лекарка на пациентот и комуникација е воспоставена. Епидемиологот од Битола двапати бил кај него дома, разговарано е со членовите на семејството и објаснето е дека тестирањето е во интерес на сите, изјави вчера претседателот на КЗБ, д-р Александар Петличковски.
КЗБ препорача воведување на изолација во домашни или болнички услови за сите сомнителни и потврдени случаи и секојдневно епидемиолошко следење на лицата кои имале контакт со потврдени случаи.
-Надзорот да се активира веднаш, но да оставиме простор. Здравствен надзор значи дека со помош на ДСЗИ и МВР лицето ќе бидел лоцирано и изолирано , ќе се спроведе тестирањето и ако е позтивен ќе биде спроведено лекувањето. Препораките се дека нема мерки за никој додека не развие симптоми. Имаме набавено околу 3300 тестови, објасни портпаролот на КЗБ, д-р Злате Мехмедовиќ пред медиумите.
Согласно податоците на Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), во светот до 9 август се пријавени вкупно 31 800 случаи со мајмунски сипаници. СЗО ја прогласи епидемијата на мајмунски сипаници за меѓународна јавноздравствена вонредна состојба.