Пендаровски – Пич: Зајакнување на соработката меѓу Северна Македонија и Обединтетото Кралство
Билатералните односи меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, состојбите во регионот, како и влијанието на руската инвазија врз Украина по стабилноста и безбедноста на европскиот континент се прашањата за кои разговарале денеска претседателот Стево Пендаровски и специјалниот пратеник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Стјуарт Пич.
Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, на средбата истакнал дека Северна Македонија придава особено значење на развојот на билатералните односи со Обединетото Кралство и има постојан интерес за зајакнување на соработката меѓу двете држави во повеќе сфери од заемен интерес.
Во тој контекст, Пендаровски се заблагодарил за најновата британска донација што вклучува 14 мобилни единици за обука на припадниците на Армијата во урбана средина, што денеска ќе биде примопредадена на полигонот „Криволак“, оценувајќи ја како уште една потврда на силното сојузништво на двете држави – членки на НАТО алијансата.
На средбата се разговарало и за почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија.