Заев; Ако Савова нема за цел да падне режимот нека поднесе оставка
Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска и` порача на пратеничката од неговите редови Наташа Савова, која вчера го нападна партиското раководство на СДСМ, како „канцер на партијата“ дека може да поднесе оставка доколку не се согласува со политиката на социјалдемократите чија главна цел е уривање на актуелната власт, јави Телма.
– Коментарот го дадовме вчера, наш политички противник е ВМРО ДПМНЕ. Целта на раководтсвото, на нашето членство и симпатизерите е да го победиме ВМРО ДПМНЕ. Чесно е секој оној од нашите редови кој не се согласува или не сака да даде придонес за таа цел , а тоа е да падне овој режим, да се повлече од својата партиска или било која функција делегирана од партијата и да отстапи место на некој друг кој што ќе даде максимален придонес кон паѓањето на овој режим – изјави Заев.
Одредбите од Изборниот законик кои со консензус беа изгласани нема да имаат посебно значење ако прецизно и дословно не се применат во пракса.
-Власта е на потег. Само целосна примена на овој закон може да гарантира услови за одржување на фер и демократски избори. Секое непочитување или заобиколување на законот ќе значи нефер, нечесни и недемократски избори. Претстојните претседателски избори ќе бидат тест за политичката волјаа на власта да ги почитува измените во Изборниот законик што беа усвоени во Собранието. Власта има обврска да обезбеди слободно изразување и почитување на волјата на граѓаните. Ќе сториме се што е во наш домен, како опозиција, да придонесеме во создавањето на услови за фер и демократски избори. Го дадовме нашиот придонес во политичкиот дијалог со власта за донесување на изборниот законик. Ако следните претседателски избори се чесни, фер и демократски, идниот претседател на Република Македонија ќе биде кандидатот за претседател предложен од СДСМ, рече Заев.
-Социјалдемократскиот сојуз во моментов е целосно посветен на изнаоѓање кандидат за претседател на државата. Притоа апсолутно нашата посветеност е во функција на изнаоѓање на личност која ќе биде прифатлива за сите граѓани, без разлика како се верски, етнички, партиски или политички определени. Веруваме дека во периодот што претстои пред нас, ќе изнајдеме таква личност на коишто претседателски избори ние ќе победиме. Дали ќе има предвремени парламентарни избори или не, тоа зависи од владејачкото мнозинство. Можам да ви кажам дека доколку тие одлучат, Социјалдемократскиот сојуз подготвено ќе ги дочека, одговори Заев.