ПОДЕМ го повика Венизелос на дијалог

Објавено на 19 февруари, 2014 во 12:55

Во пресрет на посетата на шефот на грчката дипломатија, Евангелос Венизелос на Македонија ПОДЕМ повикува на отпочнување на конструктивен дијалог за името.

Во соопштението за јавност од оваа партија очекуваат иако,  Венизелос јасно порачал дека доаѓа како претседател на Советот на ЕУ, а не како вицепремиер и министер за надворешни работи на Грција, дека токму од таа, ЕВРОПСКА позиција, ќе делува во духот на обединета Европа и ќе даде придонес за реашавање на спорот кој непотребно ја остава Македонија надвор од ЕУ и НАТО.

„Република Македонија преку вредно работење на остварувањето на европските стандарди припаѓа на Европа и ги почитува европските вредности на демократија, слобода, еднаквост, правда, солидарност и   почитување на човековите права. Според тие критериуми бараме дијалог и решавање на спорот за името.

Ниту од Венизелос, ниту од било кој друг претставник на грчката политика не очекуваме да ги распродава своите национални интереси, но нека не очекуваат и тие ние тоа да го правиме со нашите интереси.

Нашите очекувања се во контекст на почитување на меѓународното право и правото на секоја земја и народ на самоопределување и зачувување на својот идентитет.

Ако барањето на Венизелос до српскиот претседател Томислав Николиќ за решавање на спорот за името е мотивирано од искрени намери да се реши спорот во духот на европските вредности тогаш го поздравуваме, зашто и ние веруваме дека само обединет регион е силен регион.

Ако пак мотив е нешто друго, тогаш го потсетуваме дека само отворен и директен дијалог е начин кој води до цивилизирана разрешница со обостран бенефит.

Сега Венизелос не ја претставува само Грција, сега ја претставува Европа. Ние ја почитуваме таа негова функција и апелираме да говори и делува во духот на истата, во духот на Европа. Тоа е во интерес и на Македонија, но и на Грција зашто и двете држави се дел од истиот регион чија стабилност и благосостојба долгорочно зависи од обединетоста во ЕУ“, соопштија од ПОДЕМ.

Тие повик за конструктувност упатија и до македонските фактори, политички и неполитички, дека спорот за името не е прашање кое се решава со провокации, туку со дијалог и побараа тоа да биде критериум за двете страни.

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.