Рангелова: Како е можно Шилегов со минимална плата да стекне голем имот
Повторно денеска ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција, го праша портпаролот на СДСМ Петре Шилегов како е возможно со минимална плата да се стекне со куќа на три ката од 313 м2, со два автомобили мерцедес и ауди, и стан во Кисела Вода од 88м2, пренесе А1.он.
– Бидејќи е невозможно да се стекне со толку голем имот со минимална плата на која што тој и неговата сопруга пријавиле дека примаат, ние денес прецизно прашуваме, дали тој имот е стекнат затоа што Шилегов помагал на фирмата Семос да добива вредни бизниси. Да потсетиме во фирмата Семос на која Шилегов и помагал да добие вредни бизниси сопственички удел има сопругата на Бранко Црвенковки, рече Даниела Рангелова, член на Извршниот комитет на партијата.
Повтори дека со потписот на Шилегов како прв човек на второстепената владина комисија за одлучување по жалби за јавни набавки фирмата на сопругата на Црвенковски добила четири вредни бизниси. Кога други фирми се жалеле, одлуката на Шилегов имала одлучувачко значење за Семос да го добие бизнисот, вели Рангелова, и скоро секогаш кога Семос се жалел за неправилности во процедурата таквите жалби ги прифаќал. Посочи на неколку решенија на кои стои потписот на Шилегов.
– Имајќи ја предвид вредноста на услугите и продуктите кои ги нуди СЕМОС ова се тендери со позамашна сума на пари. Потписот на Шилегов овозможил значаен профит на фирмата на сопругата на Црвенковски. За сумите, колку била вредноста на тендерите и конечниот профит треба да одговори токму Шилегов. Вадењето на Шилегов дека тој бил само еден член на комисијата не држат. Шилегов е претседател на комисијата и тој го има последниот збор во секоја одлука на комисијата. Дополнително што ваквото сомнително работење и одбегнувањето на Шилегов да даде одговор на конкретните прашања за многумина е знак од каде е и како настанал несразмерно големиот имот на Шилегов, рече Рангелова.
Побара одговор од него да одговори дали неговиот имот е стекнат преку местење на тендери и зошто секогаш кога фирмата на сопругата на Црвенковски се појавува на јавната набавка е конечен победник.