Наумов: Груевски и Ставревски ги фалсификуваат и податоците од Статистика
Манипулациите на власта со статистичките податоци се огромни. Ќе посочиме како и после објавување на податоците од Државниот завод за статистика, Министерството за финансии продолжува да ја лаже јавноста, рече Ќире Наумов на денешната прес конференција.
Срамот е уште поголем, затоа што премиерот Никола Груевски лично искажа повеќе невистинити податоци.
Прво, Министерството за финансии цела година манипулира дека Бруто домашниот производ за 2013 ќе изнесува 8 милијарди и 31 милион евра. Во одбрана на оваа нереална бројка се вклучи и независниот гувернер Богов.
Но, пред четири дена Државниот завод за статистика ги демантираше и Министерството за финансии и Гувернерот Богов. Бруто домашниот производ за 2013 година според Статистика номинално изнесува само 7 милијарди и 710 милиони евра.
Излезе на виделина промашувањето на Ставревски за цели 321 милион евра.
Второ, Министерството за финансии и понатаму ја фалсификува бројката за Бруто домашниот производ. Министерството продолжува да продуцира податоци кои се лажни а споредува и други податоци со неточната вредност на БДП.
Така, буџетскиот дефицит за 2013 година не е 3,9% од БДП како што велат Груевски и Ставревски. Имајќи го во предвид промашувањето од 321 милиони евра буџетскиот дефицит изнесува скоро 4,1% од БДП.
Груевски и Ставревски преку веб страницата на Министерството за финансии лажат дека долгот на централната влада за 2013 изнесува 34,3%. Тој изнесува 2,75 милијарди евра, но тоа се 35,8% од БДП.
Заклучно со јануарското задолжување долгот на централната Влада достигна 36% од БДП.
Трето, по којзнае кој пат Груевски лаже дека Македонија е четврто најмалку задолжена земја во Европа. Се споредува долгот на централната влада на Македонија, со Јавниот долг на државите во Европа. Тоа е споредување на баби со жаби што веќе и е познато на јавноста.
Четврто, го прашуваме директно премиерот Груевски, и како економист и како премиер. По која економска логика соопштува резултати за наводен енормен раст на градежништвото во 2013, а во истата година има рекорден пад на бруто-инвестициите од цели 12%?
Ова се дел од манипулациите со статистичките податоци на власта. Ако оваа власт набрзо не ги расчисти, тоа ќе го стори идната Влада на СДСМ.