ДВ: Почна кампањата – тргнете ги полиграфите!
Употребата на вербални алатки кои се лепат за гласачкото тело е последица на недостиг од реални концепти, па политичарите со јазични трикови сакаат да ги покријат слабите страни на своите понуди, велат комуниколозите, пишува Дојче Веле.
Изборната сцена е поставена и микрофоните се отворени за разни јазични бравури, метафори, еуфемизми, метонимии и друго лингвистичко оружје, со кое политичарите ќе се обидат да им се приближат на избирачите. Се „лепат“ ли јазичните трикови за гласачкото тело, колку се сугестивни и колку допираат до него? Според експерите за политички маркетинг, социопсихолошката димензија на ваквите обраќања најчесто претставува „ширење на оптимизам без покритие“, а нивниот прием зависи исклучиво од „пропустливоста“ кај избирачите, која е условена од нивото на образование и моќта за објективна анализа на политичките ставови. Колку нивото на образование е помало, толку пропустливоста е поголема, па политичарите можат со наједноставни метафори непречено да манипулираат со чувствата на граѓаните, насочувајќи го нивното мислење во посакуваната насока.
Едноставен говор
Од манипулативен вербален арсенал не се откажува ниедна партија, а со текот на годините се менува само формата и „пакувањето“. Според комуникологот Петар Арсовски, најголемите промени во изборните кампањи во последните години, се симплификација на политичкиот говор, зголемена агресивност и зголемување на негативната кампања.
„Поради природата на брзите медиумски одговори, поголемата фреквенција на комуникација, како и зголемениот обем на продорност на политичките пораки, партиските штабови се‘ почесто имаат тенденција да го прават политичкиот говор поедноставен, поразбирлив и полесен. Последица е што покомплексните прашања доживуваат несоодветна симплификација и јазикот на политичарите станува репетитивен, здодевен. А, под притисок од заострените политички односи во државата, штабовите се‘ почесто се вртат кон т.н. негативна кампања. Се‘ почесто целта на политичката комуникација не е да се добијат гласови, туку да се одземат гласови од опонентот. Ова генерално ја зголемува циничноста кон политиката и го намалува одзивот. Во исто време, политичкиот говор станува агресивен: обраќањето кон противниците се‘ повеќе се сведува на напад, навреда и неретко – клевета. Ова кај граѓаните предизвикува еден вид политички аутизам – тие се исклучуваат и трката ја доживуваат воајерски“, објаснува Арсовски.
Мајсторите за пропаганда знаат дека „сериозниот“ дел од говорите на политичарите брзо се заборава, а се паметат само метафори од типот „противникот дише на цевче“, „му треба инфузија за да се опорави“, „ќе мора да оди на рехабилитација“, или „тие предизвикуваат рак-рана во општеството“. Заради лесната разбирливост и емотивниот набој што го предизвикуваат, метафорите со здравствен предзнак предничнат во кампањите, бидејќи на партиите им отвораат простор да најават лекување на „метастазите“ што ги предизвикал противникот. И спортскиот речник е неисцрпен извор за метафори, па досега многу пати избирачите слушнале дека „противникот е издрлиблан“, дека е „во нокдаун“ или дека „добил гол од корнер“.
Текстот во целост прочитај го на овој линк.