ДУИ: На Македонија денес и е потребен НАТО
Последните случувањa во Крим и изјавите на високите функционери на НАТО за засилување на оваа организација, се јасни пораки по која насока треба да се движи нашата држава. На Македонија и е потребен НАТО денес и во овој момент оти нема посигурен покрив отколку зачленувањето во НАТО и ЕУ, истакна Бујар Османи, портпаролот на ДУИ на денешната прес-конференција.
– Украина е добар пример околу тоа колку е ризично една мултиетничка држава да биде надвор од чадорот на НАТО и поддршката на ЕУ. ДУИ смета дека Република Македонија ги воспоставила темелите на една мултиетничка држава, но и недостига покривот на оваа заедничка куќа за да има сигурна иднина и стабилна перспектива, вели Османи.
Тој додаде дека барањето на ДУИ за предвремени парламентарни избори имало цел да побара идеи и алтернативи кои ќе им се нудат на граѓаните за отворање на интегративните процеси, а идејата за консензуален претседател е со примарна цел унифицирање на двете поголеми заедници во РМ во правец на изнаоѓање на заедничкиот пат за овие процеси. Воедно упати апел таа идеја да биде сериозно разгледана.