Започна средбата Груевски – Заев
Во Клубот на пратениците во Скопје започна средбата меѓу претседателот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски и лидерот на СДСМ Зоран Заев. Средбата е со цел да се надмине политичката криза, откако опозициските пратеници поднесоа оставки на функциите и не учествуваат во работата на Собранието по предвремените парламентарни избори што се одржаа на 27 април годинава.
Изминатите денови Заев најави дека ќе му достави пет барања на Груевски. Клучното барање е формирање техничка влада што ќе спроведе слободни, фер и демократски избори. Останатите се однесуваат на одвојување на партијата од државата, регулација на медиумите и правична застапеност на опозицијата на јавниот сервис МРТВ и на останатите медиуми, допрецизирања во изборното законодавство и прецизирање на Избирачкиот список и спроведување попис на населението.