Спасовски: Заев е две години под постојани закани за атентат
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на денешниот брифинг со новинарите, потврди дека премиерот Зоран Заев веќе две години е под постојани закани за атентат.
Министерот нагласи дека додека Заев беше само лидер на опозицијата и кога ги објавувал материјалите од прислушувањето добивал индиректни закани, поради проектот „Вистината за Македонија“, овие закани биле пријавени во МВР и му било доделено полициско обезбедување.
– Од 2015 година Заев е под постојани закани за атентат. Службите преземаат сериозни мерки за обезбедување на премиерот, но и за сите останати функционери, рече Спасовски на денешниот брифинг со новинарите, кој сепак потенцираше Заев користи многу помало обезбедување за разлика од неговите претходници.
Тој додаде дека досега не примиле директна закана за атентат на премиерот.
Пред неколку денови Заев во интервју за црногорското радио „Антена М“ истакна дека безбедносни аналитичари го предупредиле на ризик од атентат.