ВМРО ДПМНЕ јавно го повика Заев да каже од кого прима закани
ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение го повика премиерот Зоран Заев јавно да каже од кого добива закани и колку тие се реални, откако Заев за црногорското радио „Анетна-М“ рече дека некои безбедносни аналитичари му кажале дека му е загрозена безбедноста и дека е потенцијална мета на атентат.
„Ако не го стори тоа, тогаш сите негови изјави во тој правец се резултат на неговата желба да привлече внимание по секоја цена, во отсуство на реални проекти и достигнувања, во ситуација кога имаме зголемување на акцизи за нафта, зголемување на цените на паркингот, и кога се зголемуваат општите трошоци за живот на граѓаните. Сето ова делува за несериозен и несмасен обид да се дефокусира“, велат од партијата.
На изјавата на Заев денеска реагираше и руската амбасада а темата се најде и на редовниот брифинг на портпаролката на Руското министерството за надворешни работи, Марија Захарова, која рече дека „ваквите изјави не само што претставуваат неосновани инсинуации и манијакални конструкции, туку во суштината наликуваат на обиди за само-прикажување како жртва“.