Посетата на Заев на Белград е топ тема во србските медиуми
Посетата на премиерот Зоран Заев на Србија, која заврши вчера, беше медиумски следена со голем внимание од речиси сите српски медиуми, како и од странски дописници. Најголем интерес српските новинари искажаа за актуелната дипломатска и политичка состојба меѓу двете земји по неодамнешните турбулентни односи.
„Политика“ во вчерашниот број ја посвети насловната страна на интервјуто со македонскиот премиер под наслов „Македонија и Србија заедно на страната на мирот“. Телевизијата РТС го наслови прилогот за посетата на
Заев со пораката на Вучиќ упатена до македонскиот премиер дека Македонија во Србија има искрен пријател. Со вакви наслови одат и „Дневник“ и „Вечерни Новости“.
Влијателната американска телевизија „Н1“ го наслови прилогот за средбите со изјавата на Вучиќ дека соработката со Македонија не се доведува во прашање. И останатите медиуми, акцентот на посетата на македонскиот премиер на Белград го ставија на тоа дека односите меѓу Македонија и Србија се партнерски и добрососедски, а евроинтеграциите се приоритет.
Речиси повеќето медиуми ја проследија и веста дека Заев на Вучиќ му подарил дрес на ФК Вардар со бројот 9 и со презимето на српскиот претседател.
Македонскиот премиер Зоран Заев и претседателот на Србија, Александар Вучиќ на средбата во Белград констатираа дека традиционално доброто пријателство и соработка меѓу двете земји е исклучителен потенцијал за продлабочување на овие релации, пред кои претстојат извонредни можности за повеќе нови иницијативи во повеќе области. Тие изразија и меѓусебна почит во однос на сопствените стратешки интереси.
Од особен интерес, како што посочија Заев и Вучиќ, е соработката во сферата на безбедносните прашања, економската и социјалната благосостојба на граѓаните на двете земји, како и регионалните иницијативи за кои и од Македонија и од Србија имаат особено голем интерес.
На средбата било договорено Македонија и Србија да ги реафирмираат идеите за соработка на одбележувања на значајни настани, датуми и културно-историски места од интерес на двете земји, како и конкретна соработка на културен план на ниво културно-информативни центри во двата главни града.
Премиерот Заев оствари средба и со српската премиерка Ана Брнабиќ на која истакна дека Македонија го почитува дијалогот што Србија го отвори со Косово, односно меѓу Белград и Приштина.
– Ние тоа го поддржуваме комплетно и се надеваме дека тоа ќе биде наскоро бидејќи тоа е важно за Србија и за нејзината европска перспектива, но исто така од тоа прашање зависи и перспективата на целиот наш регион, изјави македонскиот премиер Заев.
Српската премиерка Ана Брнабиќ, по денешните разговори со македонскиот колега изјави дека е постигнат прелиминарен договор за заедничка седница на двете влади, што ќе треба да се одржи кон крајот на февруари или на почетокот на март следната година.
На крајот на посетата Заев оствари средба со нерезидентните амбасадори што ја покриваат Македонија од Белград пред кои ја презентираше имплементацијата на реформските процеси од Планот 3-6-9 и со македонските здруженија во Србија на кои им предаде книги и литература на македонаки јазик наменети за учениците од основните училишта во Србија. Премиерот и претседател на СДСМ Заев се сретна и со Драган Шутановац, лидер на опозиционата Демократска странка, која е сестринска партија на СДСМ во Европскиот парламент и со која од порано имаат развиено соработка.