Собранието го ратификуваше Договорот за добрососедство со Бугарија
Со 61 глас „за” и еден „воздржан” пратениците во Собранието го донесоа Законот за ратификација на договорот за добрососедство со Бугарија. Воздржано гласаше независниот пратеник од коалицијата на СДСМ, Ферид Мухиќ. Тој рече дека договорот не е симетричен и дека Владата на Република Македонија плаќа цена со него.
Пред гласањето, пред пратениците се обрати министерот за надворешни работи, Никола Димитров кој порача дека факт е дека тешки и деликатни прашања меѓу две соседни држави тешко се договараат со идеален текст, но исто така е факт и дека со договорот растеме и двете држави и даваме сигнал дека и во нашиот регион можеме да се однесуваме европски, порача министерот за надворешни работи.
– Денес ќе направите голема работа ако го поддржите ратификувањето. Регионот е оптоварен со историја, историјата е важна но на неа не можеме да делуваме, можеме на иднината. Убаво е кон соседите да можеме да се однесуваме како кон еднакви, да не се плашиме, и нас ни требаат пријатели и ние им требаме нив. Ќе беше убаво и опозицијата да биде тука, да го поддржат овој договор. Се надевам ќе најдат сили да бидат кооперативни во иднина, рече Димитров.
Тој посочи дека денешното ратификување има симболика бидејќи на денешен ден Бугарија ја призна Република Македонија под уставното име и беше прва држава која го направи тоа.