СДСМ: Анѓушев ја продава фирмата за да нема конфликт на интереси
Денеска има јасна одвоеност на партијата од државата и недвосмислена одвоеност на бизнисот од политиката. Заврши времето на Белизе фирми и рајски шеми за купи-продај од братучед на кум и обратно, велат од СДСМ и им порачуваат на ВМРО-ДПМНЕ дека не можат повеќе да ја манипулираат јавноста.
Јавноста, велат од таму, се изнаслуша како врхушката од ВМРО-ДПМНЕ кумува и уценува за да земе процент од секој проект и бизнис зделка кога беше на власт.
„Македонија е пазарна економија во која што владее правото, со слободно претприемништво каде приватните субјекти се самостојни во одлучување за сопствениот деловен потфат, со јасна дистинкција помеѓу приватниот и јавен сектор. Тоа го покажува и примерот со Вицепремиерот Кочо Анѓушев. За да нема конфликт на интерес, како што и вети на почетокот на преземањето на должноста, Анѓушев ја продава компанијата, со што јасно дава до знаење дека единствен мотив за да биде во владата е за да и помогне на државата, а не за да реализира бизнис интереси како што тоа со години го правеше ВМРО-ДПМНЕ“, посочуваат од таму.
Доколку ВМРО-ДПМНЕ, додаваат, не прави разлика меѓу односите во приватниот и јавниот сектор во Македонија, треба да е загрижена, како што велат, за капацитетот на новото раководство на оваа партија.
„Ако ВМРО-ДПМНЕ навистина сака да се реформира треба да расчисти со „купи-продај“ шемите, за кои јавноста беше сведок дека оваа партија ги применуваше и во однос на наметнатиот спор со Грција. ВМРО-ДПМНЕ треба да се однесува одговорно кон граѓаните, а не да шири лажни вести. Вниманието од позитивните резултати на Владата предводена од СДСМ не може да се оттргне со манипулации“, посочуваат од партијата на власт.