Што е наше ќе си дојде, порача претседателот Иванов
Советот за безбедност на ОН да ја ефектуира Хашката пресуда, а генералниот секретар на ОН да поднесе извештај до каде се преговорите за името. Ова е главната порака од последното обраќање во мандатот на шефот на државата Ѓорѓе Иванов, јави 24 Вести.
Иванов тврди дека нема да дозволиме, да се гази по достоинството на Македонија и да се негираат човековите права. Претседателот по последниот Бриселски дебакл порачува дека Македонија е реалност, а сите што ја негираат живеат во илузија.
Иванов побара од Атина да се однесува европски, ЕУ да го врати кредибилитетот, што вели, го изгубила во случајот со Македонија.
Шефот на државата во детално образложи со кого се сретнал изминативе 5 години, ги испофали проектите на Владата, особено во економскиот дел, со акцент на кинескиот кредит за автопати и договорот за Јужен тек, не заборави да ја спомене ниту транзицијата и последиците од неа.
Порача младите да бидат потрпеливи и меѓуетничката нетрпеливост да престане.
Претседателот признава дека состојбата во судството не е добра, но тврди се направиле реформи, а исто вели е и со иселувањето, иако состојбите се подобруваат младите ја напуштаат земјата.
Иванов вели годината почнала тензично, но надвладеал разумот.
Последното обраќање во мандатот на Иванов го бојкотираа министрите во владата од ДУИ, а присуствуваа само неколку пратеници на Ахмети. Во салата не беа ниту пратениците на ДПА и НДП.
На обраќањето на шефот на државата и годинава не бил поканет поранешниот претседател Бранко Црвенковски.
Иванов стана претседател во 2009 година како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Според опозицијата, од таа сенка не успеа да се извлече ниту на крајот на неговиот мандат.