Караџовски: Со сила нема да се вработат 1.600-те избрани кандидати
Никого нема да фатиме за врат и со сила да натераме да ги вработи граѓаните кои ги избравме на конкурсот за 1.600 вработувања во администрацијата, вели директорот на ЈП Македонски шуми, Жарко Караџоски. Според него, целта била луѓето да се вработат во местата на живеење. Сепак доколку општините не сакаат да ги вработат лицата за кои добија препорака од Владата, ќе им најдеме место во државната администрација, рече Караџоски.
– Без разлика дали таа бројка ќе биде прифатена од нив, сите 1.600 лица ќе бидат згрижени. Никого нема да оставиме на улица. Јас во изминативе 5-6 месеци добив еден куп писма од иснтитуции кои велат дека имаат потреба од вработувања. Значи потреба за работни места има и граѓаните ќе бидат вработени таму каде што има места.
Телма јави дека според првичниот план на Владата, од вкупно 1.600 лица 459 требаше да добијат работни места во единиците на локалната самоуправа, од кои дури 101 во Куманово. Сепак неколку градоначалници отворено најавија дека нема да вработуваат, бидејќи општините немаат доволно пари за такво нешто. До сега на работни позиции се распоредени помеѓу 650 и 700 лица, а за останатите процедурите се во тек, тврди Караџоски. Тој вели дека се соочиле и со случаи на лица кои ги одбиле понудените работни места.
– Тој број не е голем. Некои луѓе веројатно очекувале повеќе. Сите оние кои не сакаат да работат на дадените позиции, имаат право да се откажат. На нивно место ќе дојдат оние кои се рангирани наредни, бидејќи знаете дека на огласот пристигнаа 25.000 апликации.
Изборот на 1.600 лица од социјално ранливите категории, кој се одвиваше во живо на јавниот радиодифузен сервис од почетокот е проследен со низа забелешки. За огласот стигнаа 1.200 жалби, а многу граѓани тврдеа дека критериумите не биле почитувани во целост.