Професорката Ванковска собира потписи за претседателски кандидат

Објавено на 4 февруари, 2014 во 15:27

Откако на Фејсбук спроведе тест со лајкови за можно прифаќање од страна на граѓаните како кандидат за претседател на претстојните избори, денес во просториите на Државната Изборна Комисија, универзитетската професорка Билјана Ванковска поднела барање за отпочнување на процедурата за собирање 10,000 потписи, јави Нова ТВ.

Во трката за Претседател на Македонија, својот потпис за поддршка на независниот кандидат Ванковска, граѓаните ќе можат да го дадат во период од 15 работни дена поточно, од 16.февруари до 2.март во една од подрачните единици на ДИК.

 

Адресите на подрачните единици на ДИК можат да се најдат на страната на Комисијата, а за подетално упатување гласачите ќе можат да се консултираат преку Фејсбук профилот, блогот и веб страната на Билјана Ванковска.

Независните кандидати ќе можат да влезат во првиот круг на претседателските избори, во трка со кандидатите номинирани од политичките партии само преку собирање потписи.

На 26.01 годинава, професорката Ванковска на својот Фејсбук-профил напиша:

-Сакам да направам една проверка (немам пари за истражување на јавно мислење ) Се слушнаа голем број коментари дека меѓу досега споменуваните можни кандидати за претседател на РМ нема ниту една жена, а дека сите се/ќе бидат партиски определени или блиски до партиите. Да не зборувам за „консенсуалниот кандидат“… Мнозина, и на ФБ и на улица, ми велат „професорке, што не се кандидирате?“. Прашувам конкретно: колкумина од вас ќе стават лајк на идејата да соберам 10,000 потписи за независна кандидатура? Најмногу лајкови сум добивала за сликите од мојот Дарио, и за по некоја бомбастична колумна или изјава, ама овде ќе треба далеку повеќе од тоа Ако добијам повеќе од 2000 лајка ќе сметам дека станува збор за сериозна поддршка. Јас лично се обложувам дека ова нема да се случи, ама за оние кои постојано ме обвинуваат дека не сум доволно одважна, еве да направиме проверка.

Откако собра 2.000 лајкови таа напиша:

Утрово бев убедена и подготвена да се обложам дека бројката од 2.000 „лајкови“ е недостижна – ама вие ме демантиравте, и ја дадовте поддршката за само 6 часа! Оставете ме да здивнам, изненадена сум, по малку дури и со чувство на голема одговорност што поттикнав такви позитивни реакции кои не смеам да ги изневерам. Но, да здивнам малку. Може? Да гледаме ракомет? Па после ќе ви кажам како гледам на оваа сериозна работа која ја иницирав… Засега, само едно ГООООЛЕМО благодарам! Не го земам ова како лична пофалба или комплимент, туку како израз на вашата желба за лик кој не доаѓа од политичките структури и кој нема ниту еден ден искуство во партиска политика! Ви ветувам, ако се одлучам на овој голем чекор-би била неконвенционален кандидат: немам пари, ниту можам да ги соберам; нема кампањи, нема делење пенкалца, нема автобуси и митинзи – ќе „киснеме“ и дебатираме на Фејсбук, а можеби и на Твитер“ – напиша Ванковска.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.