Заев: Владата на СДСМ ќе го укине екстерното тестирање
Постепено воведување задолжително предучилишно образование од 4 до 6-годишна возраст и укинување на екстерното тестирање, а наместо политика на казни, владата на СДСМ во образованието ќе воведе политика на наградување и мотивирање на наставниците и училиштата, изјави денеска од Штип, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, каде промовираше дел од мерките од програмата на партијата, во областа на образованието.
Како што пренесува Плусинфо, во СДСМ се разработуваат повеќе проекти во 20 области за создавање услови за поефикасно и помодерно образование, а дел од програмата е насловен „Да инвестираме во иднината, а не во минатото“.
– Подобро менаџирање со образовните институции и ресурси, креирање конкретни политики за изградба на модерно образование, заштеди во буџетот за образование и пренасочување на средствата во проекти со повеќенаменски образовни и социо-економски цели, поддршка на наставниците во изградбата на нови генерации здрави личности се нашите приоритети. Ќе воведеме награди за најдобрите училишта според остварените резултати, а ќе посветиме поголема грижа и заштита на наставниците и нивна мотивација наместо притисок и инспекции како во изминатите години. Ќе воведеме нови звања за наставниците во основното и средното образование. На најдобрите дипломирани студенти на сите државни универзитети ќе им понудиме вработување како наставен кадар во период од четири години и гарантирано работно место во образованието, а ќе создадеме нов сектор во Министерството за образование и наука за мултимедиа и електронско издаваштво. Најголем дел од учебниците и другите помагала ќе бидат целосно достапни во електронска верзија – рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев.