Шведска следната недела ќе ги укине ковид-ограничувањата
Шведска ќе ги укине ограничувањата поради пандемијата на коронавирусот следната недела, и покрај рекордните нивоа на инфекција.
Ограничувањата, кои во моментов се на сила, а кои вклучуваат предвремено затворање на барови и ресторани и ограничување на 500 луѓе на големи затворени простори, беа продолжени минатиот месец до 9 февруари, потсетува Ројтерс.
„Време е Шведска повторно да се отвори“, рече шведската премиерка Магдалена Андерсон на прес-конференција.
Таа посочи дека во наредниот период стапката на зараза ќе остане висока, но „најлошите последици од инфекцијата сега се зад нас“.
Шведската министерка за здравство Лена Халенгрен на конференцијата рече дека некои ограничувања, како што се вакцинацијата и изолацијата дома за болните, ќе останат на сила и дека овие мерки ќе бидат порестриктивни за невакцинираните.
Во услови на ширење на соевите на омикрон, Шведска се соочуваше со рекорден број случаи секој ден минатиот месец, оптоварувајќи го здравствениот систем, иако во помала мера отколку за време на претходните бранови на пандемијата.