Комарците во Ниш се заразени со вирусот на западнонилска треска
Објавено: 29 август, 2013, во 07:36 часот
Белградскиот Завод за биоциди и медицинска екологија спроведе истражување на територијата на Србија и дојде до резултати дека комарците во Ниш се заразени со западнонилска треска.
Присуството на вирусот во Ниш е откриено кај половина од земените примероци на овие инсекти. Директорот на нишката Клиника за инфективни болести Жарко Ранковиќ изјави дека испратил допис до градската Управа за заштита на животната средина итно да се изврши прскање против комарци, прво на петте спорни локации, а потоа и на останатата територија од градот.
Биологот Иван Алексиќ од Заводот за биоциди објасни дека наодите на нишката Тврдина и во паркот Чаир се проблематични, а комплетните резултати ќе бидат познати по повторното тестирање.
Како што информираа од Институтот за јавно здравство на Србија, досега официјално се регистрирани 105 случаи на заболени од Западнонилска треска, од кои 75 се од Белград, а останатите се главно од Војводина.
