Почина актерот Робин Вилјамс
Робин Вилијамс, брилијантниот холивудски актер и освојувач на Оскар, кој својата енергија и’ ја пренесуваше на публиката преку комични ликови, е пронајден мртов. Најверојатно 63-годишниот актер си го одзел животот.
Вилијамс беше прогласен за мртов во неговиот дом во Сан Франциско. Според полициски извори, најверојатно се работи за самоубиство настанато од задушување. Полицијата соопшти дека Вилијамс бил виден последен пат во неделата. Вчера околу пладне по американско време од неговиот дом била повикана итната служба. Информацијата за смртта на актерот ја објави неговата сопруга.
„Денеска го загубив сопругот и мој најдобар пријател, додека светот загуби еден од најомилените актери и прекрасно човечко суштество. Јас сум крајно скршена“, рече сопругата на Вилијамс, Сузан Шнајдер. Таа побара да се почитува приватноста на семејството во моментите на тага. Шнајдер побара „фокусот да не биде на смртта на Робин, туку на безбројните моменти на среќа и смеење што тој им ги даде на милиони“ луѓе.
Мара Буксбаум, лицето кое се грижеше за контактот на Вилијамс со медиумите, соопшти дека актерот од неодамна страдал од депресија. Минатиот месец тој објави дека се враќа на „третманот од 12 чекори“, кој што му бил потребен по 18-месечната непрекината работа. Таков третман актерот направи и во 2006 година.
