Снегот во Босна најави лута и снежна зима на Балканот
13.10.2020
На социјалните мрежи се споделуваат снимки од снег во Бабановац, Влашиќ и во другите делови од БиХ во средината на октомври.
{vembed Y=3465689980140845}
Ден претходно, поради падот на температурите на воздухот, на планинските места во Хрватска почна да паѓа снег, а снег врнеше и на планинските места во Словенија, додека долж Јадранот беа регистрирани интензивни врнежи од дожд проследени со грмежи и засилен ветер.
Дали првиот снег во регионот навестува дека би можеле да се остварат прогнозите на народните метеоролози, кои најавуваат остра и ледена зима во регионот?
Неодамна медиумите ја објавија прогнозата на народниот метеоролог од Тутин, Мухамед Адемовиќ, пензиониран професор, кој со години ги предвидува точните временски услови со набљудување на однесувањето на животните и на растенијата. Според неговата изјава од септември, мравките веќе почнале да прават мравјалници длабоко во земјата, што значи дека зимата може да биде силна и сурова.
Годинава костените во бугарскиот град Силистра процветаа по втор пат. Второто цветање на костените се случило и порано и според народното верување, кое често се обистинува, тоа е сигурен знак дека зимата ќе биде лута. Бугарскиот метеоролог Симеон Матев потврди дека после топлиот октомври, се очекува студено време, а зимата ќе биде со пониски температури и со повеќе снежни врнежи од минатата.
Слични прогнози стасуваат и од Србија. Директорот на Републичкиот хидрометеоролошки завод, д-р Југослав Николиќ, неодамна, повикувајќи се на статистиките, најави дека оваа зима ќе биде поостра во однос на претходните. Сепак, долгорочната прогноза за зимата во Србија ќе биде официјално соопштена на 20 ноември.