Заморени од рестрикциите, Италијанците го чекаат враќањето на нормалниот живот
19.04.2021
Италијанскиот премиер, Марио Драги, најави ублажување на ограничувањата, што наиде на нескриени симпатии кај Италијанците, додека претседателот на фармацевстката компанија „Фајзер, Алберт Бурл, е оптимист дека од есен луѓето ќе се вратат кон нормалниот живот.
Додека Италијанците со нетрпение очекуваат наскоро да излезат од блокада, првиот човек на фармацевтскиот гигант „Фајзер” е оптимист дека благодарение на вакцините од претстојнава есен ќе се вратиме во животите што ги живеевме пред пандемијата.
Драги ги воодушеви италијанците, со пораката дека повторно ќе се воведе жолта зона за регионите каде епидемиолошката состојба е најмалку лоша. Ова значи дека во делови од земјата ќе има отворени училишта за ученици од сите одделенија, дека граѓаните ќе можат слободно да се движат меѓу регионите, рестораните и баровите ќе ги служат гостите на отворено, ќе се отворат кината, театрите и музеите, ќе можат да се играат спортови на отворено.
„Владата ги донесе одлуките за олеснување на мерките врз основа на податоците дека епидемиолошката состојба се подобрува, иако не драматично. Презедовме значителен ризик и затоа апелираме до граѓаните и институциите да ги почитуваат мерките за заштита”, рече Драги, пренесува „Република”.
Повеќето Италијанци, уморни од различните ограничувања што траат веќе 14 месеци, со воодушевување ја поздравија веста за отворање на земјата, но укинувањето на блокадата сè уште не е одобрено од сите.
Во петокот, исто така, претседателот на Фајзер, Алберт Бурл, во интервју за „Кориере дела сера” кажал дека сите проблеми со испораката на вакцини ќе бидат решени за неколку месеци.
„Верувам дека оваа есен ќе се вратиме во нормален живот. Во иднина, Ковид-19 ќе биде како грип”, изјави првиот човек на една од најголемите фармацевтски компании во светот.