Светски ден на штедење: Македонските домаќинства во банки и штедилници имаат 5,4 милијарди евра
Македонските домаќинства повеќе сакаат да штедат отколку да се задолжуваат. Во банки и штедилници, нивните вкупни депозити се 5,4 милијарди евра, во согласност со последните податоци заклучно со септември, покажуваат податоците на Народната банка. Наспроти депозитите, кредитите се со помал износ и се 3,7 милијарди евра.
„Во септември, месечната стапка на раст на депозитите на домаќинствата изнесува 0,9 проценти во поголем дел поради зголемените депозитни пари и долгорочните депозити, додека помало е позитивното влијание и на краткорочните депозити. Анализирано на годишно ниво, депозитите на домаќинствата забележаа раст од 6,8 проценти, што главно се должи на зголемувањето на долгорочните депозити и депозитните пари, а во помала мера и на краткорочните депозити во денари, во услови на остварен пад на краткорочните депозити во странска валута“, соопшти Народната банка.
Податоците покажуваат и дека депозитите на домаќинствата се двојно поголеми од сите пари на корпоративниот сектор што седат на сметките во банките, а чиј износ на крајот од септември бил 2,45 проценти. Светскиот ден на штедењето е воведен на 31 октомври 1924 година, во текот на Првиот меѓународен конгрес на штедење организиран во Милано, во Италија.
Дума.мк