„Вие сте наши заштитници“: Филипче благодарен за пожртвуваноста на медицинските сестри
Министерот за здравство Венко Филипче по повод 12 Мај, Меѓународниот ден на медицинските сестри, денеска се сретна со медицинските сестри вработени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Од Министерството за здравство соопштија дека Филипче на средбата им се заблагодарил на медицинските сестри од Клиниката за нивниот целокупен придонес во текот на пандемијата.
„Вашата улога во справувањето со оваа пандемија е од големо значење за сите нас, а сето ова ја истакна важноста на работата која секојдневно ја извршувате. Вие не сте само промотери на здравјето, туку сте и заштитници, чие знаење и пожртвуваност секојдневно спасува безброј животи“, истакна министерот Филипче.
Есенцијалноста и придонесот кон справувањето со целокупната пандемија ја потенцираа клучната улога на медицинските сестри во здравствениот систем. Во изминатиот период како никогаш досега се подобрени условите за работа на медицинските сестри и на целокупниот здравствен персонал, посочуваат од Министерството за здравство.
„Зголемувањето на платите на медицинските сестри беше неколкукратно, започнувајќи од 2018 година, па се до денес. Во мај 2018 реализирано е зголемување на износот на додатокот за работа ноќе од 29 отсто на 50 отсто; зголемување на износот на додатокот за ноќна работа од 29 отсто на 50 отсто. Во февруари 2019 година реализирано е зголемување од пет отсто на платите за: средно медицинскиот кадар со високо, вишо и средно медицинско образование; (освен: ГОБ „8 Септември”, ПЕТ Центар и Клиниката за хирушки болести „Св.Наум Охридски” – осум отсто), зголемување од осум отсто за: средно медицинскиот кадар со високо, вишо и средно медицинско образование. Во јануари 2020 година реализирано е зголемување од 10 отсто за: средно медицинскиот кадар со високо, вишо и средно медицинско образование“, стои во соопштението.