Владиниот соработникот Андонов: Производството на струја се зголемува – и во јануари има продажба на ноќни вишоци

Објавено на 25 јануари, 2023 во 17:43

На денешната прес-конференција на портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Муамет Хоџа и соработникот за енергетика, Виктор Андонов, беа презентирани најновите информации за енергетската состојба во земјата и одлуките од вчерашната 121 владина седница.

„Пред крајот на месец јануари, а во пикот на грејната сезона успеавме со добро менаџирање на работата на енергетските објекти за производство на електрична енергија 100% да ги задоволиме потребите на регулираниот пазар за домаќинствата и малите потрошувачи, како и објектите од виталната државна инфраструктура. Согласно законските обврски за 2023 година, ЕСМ имаат обврска само 50% да го снабдуваат регулираниот пазар со произведената електрична енергија од нивните капацитети, но за полесно справување со кризата Владата му даде обврска на ЕСМ да го зголеми своето производство и 100% да го снабдува регулираниот пазар, односно домаќинствата и малите потрошувачи“, рече соработникот за енергетика, Андонов.

Соработникот Андонов додаде дека за полесно справување со кризата и намалување на инфлаторните движења на цените на основните прехранбени производи, Владата го задолжи ЕСМ да обезбеди електрична енергија по фиксни и субвенционирани цени, пониски од пазарните.

Во месец јануари, ЕСМ целосно ги задоволи потребите на домаќинствата и малите потрошувачи од сопствено производство, додека во поголемиот дел од месецот, и дополнителните снабдувања за таргетираните сектори исто така беа обезбедени од сопственото производство на ЕСМ, без притоа да се направат дополнителни набавки. Ова е резултат, на заложбите на Владата, да се стават во функција сите расположливи енергетски капацитети, и после долг временски период, сите расположливи капацитети, вклучувајќи го и ТЕЦ Неготино беа вклучени во мрежа во текот на месец јануари. Постигнати се клучните цели што си ги постави Владата, цената на електричната енергија за најголемиот дел од домаќинствата не е зголемена, додека за малите потрошувачи е намалена за околу 20 проценти, додека домашното производство се зголемува и е стабилизирано во услови на европска енергетска криза“, истакна Андонов.

Тој рече дека во месец јануари бележиме производство и извоз на ноќни вишоци на електрична енергија и потенцираше дека од почетокот на годината произведени и продадени се вкупно 3.390 MWh ноќни вишоци на електрична енергија од кои 1.140 Mwh по цена од 103 евра за мегават час и 2.540 Мwh по цена од 98 евра по мегават час.

„Енергетскиот дневен биланс за ден 24 јануари, покажува дека вкупното домашно производство на електрична енергија изнесува 16.579 Мwh електрична енергија, од кои 11.325 Mwh се од термоелектрани, а 5.254 MWh се од обновливи извори. Со ова производство на електрична енергија 100% се задоволени потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, како и потребите за дополнителни снабдувања за училишта, прехранбена индустрија и други витални државни субјекти“, соопшти Андонов.

Воедно тој констатираше дека електро-енергетскиот систем во државата е стабилен и функционален и во периодот што следува заради најавени врнежи на снег и постудено време, рече дека состојбата будно ќе се следи и навремено ќе се носат соодветни мерки, а јавноста за истото ќе биде навремено информирана.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.