Заев: Нека биде празникот и поттик, во периодот што следи масовно да се вакцинираме како најефикасно средство во борбата против пандемијата со КОВИД-19
„На сите граѓани кои го чествуваат празникот, им го честитам големиот муслимански празник Курбан Бајрам“, напиша премиерот Зоран Заев во честитката по повод празникот Курбан Бајрам.
-Овие свети денови нека бидат исполнети со дух на трпение, дарежливост, со желба за меѓусебна почит, разбирање и солидарност.
Величественоста на празникот Курбан Бајрам нè потсетува на суштината на човечкото постоење, на најскапоценото нешто за сите нас – на грижата за здравјето и зачувувањето на животот и грижата за најблиските. Нека биде празникот и поттик, во периодот што следи масовно да се вакцинираме како најефикасно средство во борбата против пандемијата со КОВИД-19 и така заедно да успееме најбрзо и најбезболно да се заштитиме и да ги пребродиме нејзините последици.
Во духот на вековната традиција на соживот и разбирање во нашата земја, дозволете да ви посакам празничните денови ги поминете во добро здравје и духовна сила!
Нека биде благословен и честит празникот Курбан Бајрам!, напиша Заев.